Владата на денешната 11-та седница врз основа на препораката на ГРЕКО донесе одлука со која ги задолжува и кабинетите на премиерот, на вице-премиерите, на генералниот секретар на Владата и на министрите во рок од 10 дена да ги објават имињата и надоместоците на посебните советници, личните советници и надворешните соработници, како и редовно и ажурно да ги објавуваат споменатите податоци во иднина.
На денешната седница ја разгледана информацијата за одржаниот четиринаесетти состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи помеѓу Република Македонија и Европската Унија во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација и донесе повеќе заклучоци:
– Се укажува на Судскиот совет на РС Македонија да ја усвои Стратегијата за човечки ресурси во судството по нејзиното усогласувањето со коментарите од Европската комисија најдоцна до 16 ноември 2020 година.
– Се укажува на Советот на јавни обвинители да ја усвои Стратегијата за човечки ресурси во јавното обвинителство по нејзиното усогласувањето со коментарите од Европската комисија најдоцна до 16 ноември 2020 година.
– Се задолжува Управата за извршување на санкции да изготви информација за оперативноста и достапноста (распространетоста) на пробацискиот систем на територијата на Република Северна Македонија и за истото да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година.
– Се задолжува Министерството за здравство во соработка со Управата за извршување на санкции да подготви план за преземање на итни мерки за подобрување на здравствената заштита во казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови и за истото да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година.
– Се задолжува Управата за извршување на санкции, да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, за плановите кои треба да се реализираат на полето на едукација и ресоцијализација на осудените лица во казнено-поправните установи и на децата кои се наоѓаат во воспитно-поправните домови, како и за спроведените обуки на вработените во казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, почнувајќи од ноември 2020 година.
– Се задолжува Министерството за информатичко општество и администрација во рамки на својот буџет да ги предвиди средствата определени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за истото да ја информира Европската комисија (на англиски јазик), преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година.
– Се укажува јавниот радиодифузен сервис со вклучување на сите засегнати страни и релевантни институции да утврди стратешки пристап за реформа на јавниот радиодифузен сервис и одржливо решение за реструктуирање на долгот на јавниот радиодифузен сервис и за истото да ја информира Европската комисија (на англиски јазик), преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година.
– Се задолжува Министерството за труд и социјална политика да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, за преземените напори за заокружување на процесот на деинституционализација на деца, најдоцна до 30 октомври 2020 година.
– Се задолжува Министерството за труд и социјална политика да преземе напори за заокружување на процесот на деинституционализација на лица со посебни потреби и за остварениот напредок да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до март 2021 година.
– Се задолжува Министерството за труд и социјална политика, да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, за статусот за спроведувањето на Декларацијата од Познан најдоцна до 30 октомври 2020 година.
– Се задолжува Министерството за труд и социјална политика во рамки на редовните, квартални, извештаи да информира особено за преземените мерки за подобрување на интеграцијата на Роми повратници и регистрацијата на Ромите без лични документи, почнувајќи од ноември 2020 година.
– Се укажува на Јавното обвинителство да осигура дека сите мерки, вклучително и ангажирање на истражители, се спроведени со цел да се подобри функционирањето на механизмот за надворешен надзор до 30 октомври 2020 година.
– Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ја финализира новата национална проценка на закани од сериозен и организиран криминал согласно циклусот на политики на ЕВРОПОЛ.
– Се укажува на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција во постојната евиденција за организираниот криминал, да вклучат и податоци за финансиски истраги, вклучително и податоци за бројот и обемот на спроведените финансиски истраги, најдоцна до 30 октомври 2020 година.