Нови подобрени услови, намалена каматна стапка, ќе добие проектот „Купи куќа, купи стан“. Измените добија поддршка од Владата, а ќе се применуваат откако ќе биде усвоен од Собранието на Република Македонија. Новите услови денеска ги презентираше министерот за финансии Драган Тевдовски пред членките на Македонската банкарска асоцијација.

-Најголема новина и поволност за граѓаните е значителното намалување на каматните стапки.   Каматните стапки за првиот модел, во кој државата субвенционира дел од месечната рата, ги намалуваме од 3,95 отсто на 2,9 отсто за првите три години. За четвртата и петата година каматите ги намалуваме од 4,44 отсто на 3,9 отсто. Ова се во моментот најниски каматни стапки за станбен кредит на пазарот. Намалувањето на каматните стапки значи сериозна заштеда за граѓаните, изјави министерот за финансии Тевдовски, кој додаде дека со ова ќе имаме станбени кредити со каматни стапки како во европските земји под три проценти и оти никогаш од независноста немало вакви услови. Тој појасни дека на пример за кредит од 50.000 евра само по основ на камати граѓаните ќе заштедат 1.300 евра.

Со новините се намалува и каматната стапка за моделот „Учество“ и наместо досегашната стапка од 4,5 отсто + шестмесечен Еурибор ќе биде четири отсто + шестмесечен Еурибор, а која важи за цело  времетраење на исплата на кредитот.

За корисниците, како што појасни министерот, се менува и процентот на субвенционирање кај моделот со месечна рата и тој ќе изнесува 70 проценти, наместо 50 проценти, а дополнително по примерот и позитивното искуство во Хрватска се воведува дополнителна субвенција за секое родено или посвоено дете од 30 проценти од ратата.

Нови услови има и кај проектот „Купи стан за млади“ каде ќе се субвеницонира 70 отсто месечна рата (главнина и камата) во првите пет години или ќе субвенционираме 70 отсто од учеството.

-Со ова смета министерот, ќе се обезбедат повисоки субвенции за околу 2.500 евра во однос на порано.

Министерот посочи дека со измените на законот се прецизираат и условите во проектот, со цел да го искористат оние кои навистина имаат потреба од него. Се воведува ограничување на големината на становите и куќите до 150 метри квадратни за да се избегне финансирање на луксуз . Наместо максимум „приходите по основ на плата“, се воведува „максимум по основ на вкупни приходи“. Се уредуваат и случаите кога корисниците поседуваат друг недвижен имот или имаат наследство или дар на делови од станбена единици. Останува непроменета висината на субвенционираниот кредит од 50.000 евра. Сите овие промени, оценува министерот, се во насока подобро да се таргетираат оние на кои навистина им е потребна помош, како и да се отстранат сите пречки за да може побрзо да се одобруваат кредитите.

Претставниците на банките, дел од Македонската банкарска асоцијација, кои веќе се вклучени во проектот ги поздравија промените и најавија дека ќе дадат поддршка на измените истакнувајќи ја нивната општествена одговорност и дека ова е најниска камата по која ќе го добијат корисниците кредито

Претседателот на Македонската банкарска асоцијација Коста Митровски ги повика банките што не се вклучени во проектот, бидејќи на тој начин ќе се обезбедат подобри услуги за граѓаните.

-Ние сме општествено одговорни банки и влегуваме во проектот да покажеме и одредена солидарност за одредени луѓе кои не можат да дојдат до стан. Ние сме подготвени да работиме на рентабилна нула само да покажеме дека банките се општествено одговорни и мислат на граѓаните, рече Митровски кој додаде дека во овој проект се вклучени осум банки и оти како Асоцијација ќе ги предложат условите и на другите банки што се членки на Асоцијатацијата, а бројат 15, да се вклучат.

Проектот беше воведен во 2011 година, од претходната владина гарнитура, а почна да се применува од 2012 година без прекин. Последниот оглас е објавен на 18 јануари годинава, а средствата што се предвидени се два милиона евра. Новите услови ќе важат откако ќе биде усвоен во Собранието. Досега најголем интерес имало за проектот со субвенционирање на рата и за купување стан. Просечно се земале кредити од 37.000 евра, со просечна плата на корисниците од 25.000 денари.