Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека откако ќе биде направена анализата околу актуелните вработувања на лица блиски на функционери и пратеници, доколку се покаже дека има форми на протекционизам, тогаш ќе се реагира.
– Процесот е почнат и ние сакаме да заврши што побрзо, за да ја информираме јавноста. Премиерот беше прилично јасен – правиме проценка и кога ќе се направи таа анализа секаде каде ќе се утврди дека има форми на протекционизам, ќе се терминираат тие работни позиции, рече Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција.
Премиерот Зоран Заев вчера најави дека актуелните вработувања во државни и општински институции на лица блиски на функционери и пратеници ќе бидат разгледани и доколку бидат утврдени неправилности, ќе биде побарана одговорност.