Нови 100 амбулантни возила вредни 7,5 милиони евра треба да бидат набавени за македонското здравство, одлучила Владата на вчерашната седница.
„Ова ќе значи побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациенти до секундарно и терциерно ниво, подобра покриеност во урбаните и во руралните средини“, напиша министерот за здравство Азир Алиу на својот Фејсбук профил.
Алиу информираше и за другата одлука поврзана со здравствениот систем. Владата одлучи паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ да биде запишан како државно земјиште со што веќе нема правна пречка Клинички да потпише договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“.
„Со овој договор ќе се овозможи модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање, но и воспоставување ред. Предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните. Целта која ќе ја постигнеме ќе биде пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники“, истакнува министерот Алиу.




