Владата на Република Македонија денеска ќе одржи редовна седница на која ќе се расправа за повеќе предлог информации од областа на финансиите, економијата, земјоделството, здравството…
На 128 седница, на предлог на Министерство за финансии ќе бидат разгледани информациите за реализација на проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан“ и за напредокот во имплементацијата на Проектот за подобрување на општинските услуги заклучно со јануари годинава.
ЕЛЕМ ќе ја презентира Информацијата за модернизацијата на парните котли во ТЕЦ Битола, а Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како точка на дневниот ред на оваа владина седница ја предлага Информацијата во врска со вложувања во инфраструктурни проекти финансирани од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година, најави владината прес-служба.
На предлог на Министерството за здравство на седницата ќе се побара мислење во однос на Информацијата за висината на средствата за набавка на опрема за вршење на лабораториски анализи на детски играчки и можноста од обезбедување на средства за набавка на потребната опрема во рамки на сопствениот буџет на министерството.
Редовната седница е предвидено да започне во 12 часот.