Косовската Влада тврди дека врз институциите во земјата денеска е извршен масовен хакерски напад, кој доаѓа од Србија, Босна и Херцеговина и Македонија, при што целосно е хакиран системот на електронската пошта, јави МИА од Приштина.
Порталот „Газета Ексрепс“ објави писмо кое Владата во Приштина го испратила до амбасадите на Косово во кое ги информира за нападот и изразува стравување дека тој може да се прошири и понатаму.
– Ве информираме дека денеска од 10 часот имаме голем кибер-напад кој продолжува и понатаму. Нападот е мошне организиран и доаѓа од Србија и Босна и Херцеговина, а додека ова ви го пишуваме започна и од Македонија, се вели во информацијата која порталот тврди дека ја добил од извори во Владата.
Цел на нападот се комуникациите преку електронска пошта на државните претставници и на институциите на Косово, а намерата е да се оневозможи нивната меѓусебна комуникација.
Владата, заедно со Агенцијата за информатичко општество и Отсекот за кибернетички криминал во Полицијата на Косово, презема дејствија за одржување во функција на електронската пошта, се вели во соопштението, во кое се изразува стравување дека нападот може да се прошири и на другите електронски услуги.