Непалската Влада објави нови правила за планинарите на Монт Еверест, а сè тоа уследи по низа несреќи коишто се случиле оваа сезона.
Планинарите отсега, пред да тргнат кон врвовите, ќе мора да минат соодветна обука, да имаат лекарско уверение за добра здравствена состојба и осигурување кое ќе ги покрие евентуалните трошоци за нивно спасување.
Меѓу другото, пред да добијат дозвола за искачување на Еверест, планинарите ќе мора прво да совладаат врв од 6.500 метри надморска височина. Монт Еверест е висок 8.848 метри. Освен тоа, планинарите ќе мора со себе да поведат искусен водич.
Оваа пролет девет планинари настрадаа на непалската страна на Монт Еверест, што ја чини 2019 една од најсмртоносните на Хималаите.
Владата на Непал е изложена на многобројни критики, на пр., поради преголемиот број издадени дозволи за искачување.