Украинската влада ги повика граѓаните на Херсон да се евакуираат во побезбедни региони на земјата во текот на зимата.
Министерката за реинтеграција на привремено окупираните територии во Владата на Украина, Ирина Верешчук, апелираше до жителите на Херсон, особено до ранливите категории – жени со деца, стари лица, болни и лица со тешкотии во движењето, да се евакуираат за време на зимата, пренесе агенцијата Униан.
„Со оглед на тешката ситуација во градот и проблемите со инфраструктурата, во текот на зимата можете да се евакуирате во побезбедни региони на земјата“, напиша Верешчук на каналот Телеграм.
Таа додаде дека владата нуди бесплатна евакуација во Криви Рих, Миколаев и Одеса, како и дека е можна и понатамошна евакуација во Кироворадската и Хмелничката област и другите западни региони на Украина.
Според Верешчук, на внатрешно раселените лица ќе им биде обезбедено бесплатно сместување во засолништа, хуманитарна помош, храна и медицинска помош.
На 11 ноември, руските сили го напуштија Херсон, градот што го контролираа од почетокот на март.