Трагедијата во Кочани во која животот во загубија 62 млади лица е од невидени размери. Како Влада истакнавме дека наша обврска покрај целосна истрага и расветлување на случајот, носење на сите инволвирани лица пред правдата, е и да обезбедиме соодветна здравствена заштита и медицинска помош на сите повредени и нивни семејства, порачуваат од Владата.

-До сега како Влада обезбедивме 30 милиони денари за транспортот и сместувањето на придружбата односно за членовите на семејствата на повредените пациенти. Но, нашата грижа не завршува тука, бидејќи Кочани е наш приоритет и никој не смее да биде заборавен. Дополнително отворивме телефонска линија која е во директна комуникација со претседателот на Владата, се наведува во нивното соопштение.

Повредените и нивните семејства можат да се јават на телефонскиот број 070/355-526 за да ги искажат своите барања, конкретни предлози и потреби кои ги имаат.

-Понатаму, на владина седница ќе донесеме одлука со која одморалиштето Пониква кое располага со 27 соби и 56 легла се пренамени во центар за рехабилитација, во кој медицински кадар ќе може да работи како на психофизичката состојба така и на пружањето на медицинска нега за брзо закрепување на повредените граѓани. Ова е заедничка борба, ниту повредените, ниту семејствата на починатите млади лица не се сами. Како Влада ќе направиме се што е во наша надлежност да помогнеме и да се обидеме да ја намалиме болката. Носиме конкретни мерки кои се од интерес на граѓаните. Државата мора и се менува, велат од Владата