Парното греење од денеска поскапува за 14,18 проценти, а месецов се очекува повторно да биде прогласена криза состојба во енергетиката.
Од Владата најавуваат нови антикризни мерки за граѓаните и компаниите, а главна задача како што велат ќе биде да се обезбеди струја и други енергенси во текот на зимата. Со соседните држави се разговара за обезбедување алтернативни начини за снабдување со гас, а електроенергетските компании работат на обезбедување ликвидност и суровини за непречено производство на струја.
Ова е второ поскапување на парното годинава и со него просечна сметка од 1800 денари се зголемува за 250 денари. Одлуката за новата цена, според образложението на Регулаторната комисија за енергетика, се должи на драстично зголемените цени на гасот на светските берзи, кој се тргува по десет пати повисоки цени од пред кризата.
– Цела Европа и регионот имаат сериозни проблеми во енергетскиот сектор заради превисоките цени на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија. За производство на топлинска енергија користиме увозен природен гас чија цена денес е околу 10 пати повисока од цената во јули 2021 година. Енергетските компании што вршат снабдување со топлинска енергија побараа зголемување на цената и до 78 проценти. Во денешните одлуки зголемувањето на цената за најголемиот број потрошувачи кои се снабдуваат од БЕГ е само 14,18 проценти што се должи на значајната субвенција во цената на топлинската енергија за домаќинствата од страна на Владата, информираше по седницата на РКЕ нејзиниот претседател Марко Бислимоски.
Доколку не се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија, како што укажаа од РКЕ, тогаш ќе мора да се користи мазутот за производство што е многу неповолно од еколошки аспект и е ризично за граѓаните.
Месецов, според најавите, се очекува да биде прогласена кризна состојба во земјава во делот на енергетиката, а остануваат апелите од надлежните институции до сите потрошувачи почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера информираше дека Министерството за финансии работи на дефинирање конкретни антикризни мерки, потсетувајќи дека со ребалансот на Буџетот за поддршка на граѓаните и стопанството се предвидени 76 милиони евра. Почнат е и дијалог со стопанските комори во однос на дефинирање на мерките, пред се, во однос на снабдувањето со електрична енергија.
-Пред нас претстои најтешката зима во повоена Европа. Тоа јас го кажував уште во мај, но сите се уверивте и со изјавите на сите премиери од регионот, но и од Европа. Тие антикризни мерки ќе бидат насочени кон најранливите во државата, како што беше и досега. Затоа граѓаните кои се со ниски примања и кои имаат помалку од другите да знаат дека ќе бидат први. Исто така главна задача ќе биде да се обезбеди електрична енергија и енергенси во текот на зимата, изјави Ковачевски, при вчерашната посета на Тетово.
Со оглед дека државава стопроцентно се обезбедува со гас од Русија, премиерот посочи дека ќе мора да се обезбеди непречено снабдување и преку алтернативни извори, а ресорните министри веќе работат во таа насока заедно со соседните држави.
-Доколку се јават недостатоци на електрична енергија на европскиот континент исто така веќе сме во разговори и со ЕК за обезбедување на електрична енергија. Компаниите од електроенергетскиот сектор веќе работат на обезбезбедување на потребната ликвидност како и на потребните суровини за непречено производство на електрична енергија, информираше премиерот Ковачевски.
На минатоденелната работна средба на Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Северна Македонија со министерот за економија Крешник Бектеши и претставници на државни институции, биле испорачани барања и укажувања во насока на искористување на сите можни ресурси за да се зголеми домашното производство на струја.
За да може максимално ЕСМ да произведува електрична енергија, велат од Комората, потребно е да се премине кон набавка на јаглен веднаш за да не биде доцна после во текот на зимата и треба државата финансиски да помогне доколку е тоа потребно.
-Да се обезбеди мазут за вклучување на ТЕЦ Неготино бидејќи согласно постојните цени на електричната енергија и на мазутот, цената од ТЕЦ Неготино е околу 250 евра по мегават час, наспроти пазарната цена која во моментот е 350 евра, а во претстојниот зимски период се очекуваат и повисоки цени. Да се разгледа можноста ТЕ-ТО да биде во функција цела година, бидејќи е многу важно да се има домашно производство не само во услови за да има стабилност туку и за услови доколку се случи затворање на границите и на cross border протокот (преку граничниот проток на електрична енергија), стои во барањата од комората.
Во земјата има 40 до 45 мегавати фотоволтаици што се инсталирани и/или се инсталираат, но, посочуваат од комората, чекаат на приклучок на мрежа. За таа цел се бара ЕВН и сите субјекти кои што се одговорни да ги приклучат во најбрз можен рок, бидејќи нема економска оправданост да има инсталирани фотоволтаици а истите да не се ставени во функција само затоа што не се приклучени на мрежата. Истовремено, сите тие имаат дозвола за приклучок но поради административни пречки нивното приклучување не се реализира.
-За да може да се обезбедат нови количини на мазут потребно е да се пушти продажбата на слободен пазар, односно да се тргне од листата на регулирана цена. Се додека мазутот го држиме по регулирана цена, тој тешко ќе се набави, а подоцна може да има и недостиг на пазарот, наведуваат од комората.
Меѓу останатото, се бара и Владата да ја врати Уредбата која беше во функција во услови на прогласена кризна состојба со која целокупната произведена енергија од обновливи избори беше насочена само за индустријата. Исто така и Владата да воспостави деловна комуникација со сите влади на соседните држави за да издадат гаранции кон нашата држава дека во текот на претстојниот зимски период нема да ги затворат границите за проток на електрична енергија, а Регулаторна комисија за енергетика да припреми правилник за организирање дистрибутивни мрежи.