Министерството за економија денеска го објави јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците за вградување на плински уреди, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата.
Ќе се субвенционираат до 50 проценти од трошоците, но не повеќе од 18 илјади денари за вграден плински уред во возило. Субвенционирањето ќе важи само за едно возило во семејство. За оваа намена се одвоени 15 милиони денари.
Право на учество имаат сите сопственици на возила произведени од 2005 година наваму, а барањата заедно со потребната документација може да се достават до Министерството за економија секој работен ден од 09:30 до 15 часот. Крајниот рок за поднесување на барањата е 2 декември.
Субвенционирањето ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Ова е една од мерките на Владата насочена кон намалување на аерозагадувањето.