Има приближување на ставовите меѓу МОН и СОНК, но не и конечен договор за зголемување на платите на просветните работници. Разговорите ќе продолжат наредната недела, изјавија по денешната средба во Владата министерот за образование и наука Арбер Адеми и претседателот на СОНК Јаким Неделков.

–  СОНК и МОН се на добар пат да постигнат решение. Има приближување и напредок во ставовите, преговорите ќе продолжат и во наредните денови, но важно е дека има приближување. Ние како влада сме максимално заинтересирани да ги подобриме ситуацијата и социјалниот статус на вработените во дејноста образование, рече Адеми по средбата на која присуствувал и премиерот Зоран Заев.

Адеми не откри детали дали е можно прифаќање на сите услови на Синдикатот на просветните работници, но рече дека се разгледуваат сите опции коишто се во согласност со можностите на Владата.

Напредокот во преговорите го потврди и првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, додавајќи дека има уште многу работа и оти следната недела ќе има уште неколку средби меѓу Синдикатот и МОН.

Владата понуди зголемување на платите за 10 проценти од април 2020 година. СОНК останува на барањето зголемувањето да почне од 1 јануари, а за процентот, за којшто бараше да биде повисок од понудените 10 отсто, се уште ќе се преговара.

СОНК претходно најави дека ако не бидат прифатени нивните барања ќе биде организиран генерален штрајк на 11 ноември.