Владата денеска ќе ја одржи 140-та седница, со повеќе точки на дневен ред од програмата за работа и од интерес на граѓаните, соопшти владината прес-служба.

Како што наведуваат, Владата ќе ја разгледа и ќе донесе одлука по Предлог – уредбата за дополнување на Уредбата за видот на активности, максималниот износ по активности, корисниците, субјектите кои учествуваат во постапката, поблиските критериуми и начинот за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој, што за оваа седница ја предлага Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На оваа седница ќе биде разгледана и Информацијата со Предлог – решение за формирање комисија за спроведување постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за формирање на современа модерна организација – Платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем на Македонија (HEMS) и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување (SAR).

На предлог на Министерството за правда на седницата ќе биде презентирана Информација за извештајот на ГРЕКО за петтиот круг евалуација на Македонија.

Министерството за образование за оваа седница ја предложи точката Предлог – програма за изменување на Програма за изградба и реконструкција на основни училишта за 2019 година.

Не денешната седница Владата  ќе го разгледа годишниот извештај за работата на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија за 2018 година.

Министерството за здравство за оваа седница ја најави точката Информација за текот и прогресот на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка за оформување на хибридна мултифункционална операциска сала со изведување на потребните градежни работи и набавка на потребната медицинска опрема за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврохирургија, Скопје.