Дваесет и петти Октомври е Европски ден на граѓанската правда, кој секоја година се одбележува во европските држави. Целта на неговото одбележување во сите европски држави е правдата да се доближи до граѓаните. Да се запознаат со владеењето на правото, правната држава и независното правосудство, како врвни европски вредности, објави Владата на нејзиниот фејсбук профил.
Иницијативата за одбележување на овој ден, пишува на фејсбук профилот на Владата, потекнува од Европската комисија и до Советот на Европа, кои широко го поддржуваат организирањето на активностите во сите европски држави.
– Интенцијата за одбележување на Европскиот ден на правдата е на граѓаните во Европа, а со тоа и во С. Македонија да им се овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните основни права во повеќе области: семејно право, право на сопственост, наследување, авторско право, договорно право и сл, стои во објавата од Владата на ФБ.
Оваа година на Европскиот ден на правдата, посочуваат, говориме за уште една силна потврда за напредокот во имплементацијата на реформите и европските стандарди во областите владеење на правото и борбата против организираниот криминал и корупција.
– Денеска, кога го одбележуваме Европскиот ден на правдата, може да се каже дека Владата продолжува цврсто и одлучно да работи на создавање на највисоки стандарди за владеење на правото и за работа на независниот правосуден систем. Тоа е воедно и единствениот начин да се чекори кон европскиот пат. Патот кој носи европски вредности и стандарди и подобар живот, објави Владата на нејзиниот фејсбук профил.