Владата во целост ги демантира лажните и манипулативни наводи на партијата СДСМ.

Ресторанските услуги на бифињата ги прикажува за трошоци за ручеци на министрите.

Тоа не се трошоци на министерот Љутков, ниту министерот Муцунски или друг владин министер, туку трошоци за бифињата кои функционираат во рамките на министерствата, кои ги користат и плаќаат и вработените кои плаќаат за услугите. Впрочем во времето на СДСМ оператор на ваквите услуги беше фамозната струмичка компанија Концепт.

Времињата кога министрите од таа партија трошеа брдо пари за скапи луксузирања и кога министри патуваа со владиниот авион до Ниш или до Солун на шопинг заврши.

Апелираме со голема претпазливост да се земат лажните вести продуцирани од партијата позната по дезинформирањето. Очигледно СДСМ одбра да продолжи со својата неконструктивност, некадарност и неспособност, се вели во соопштението на Владата.

Реакцијата доаѓа по прес конференција на портпаролот на СДСМ, Богданка Кузеска, на која беше истакната дека денеска е 1 Мај, денот кога работниците маршираат за своите права и повисоки плати.

-На овој ден, објавуваме нов скандал кој уште еднаш потврдува до која мера оваа власт е отуѓена од народот и длабоко заглавена во елитизам, расипништво расфрлајќи се со народните пари. Во држава каде што работниците бројат денови до платата, министри од ВМРО-ДПМНЕ трошат десетици илјади евра – на јадење и пиење во луксузни ресторани, изјави на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

– Верувале или не, во првите четири месеци од годинава, оваа власт потрошила над 30.000 евра во скапите скопски ресторани. Гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри, а сметките кои се достапни на „Отворени финансии“ се запрепастувачки. Одредени исплати се во вредност и по 3.000 евра! Ова се податоците кои се јавно достапни, рече Кузеска.