Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска се сретна со бугарскиот европратеник и известувачот за С. Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук со кого разговараа за нашите евроинтеграции, соопшти Владата.
– На средбата Груби и Ќучук разговараа за досегашниот тек на преговорите со соседна Бугарија, потребата од нивно динамично продолжување со уште поконструктивен пристап за деблокирање на интеграцијата на нашата земја во Европската Унија, како и за билатералните проекти кои ќе ги продлабочат добрососедските односи, се вели во соопштението.
Груби, се додава во соопштението, на Ќучук му ја истакна решителноста и непоколебливоста на земјата на патот на евроинтеграциите, како и го информираше за унапредувањето на работниот процес за реализација на Коридорот 8, најголемиот инфраструктурен проект што поефикасно ќе ги поврзе двете земји.
– Европратеникот Ќучук му ја пренесе на Груби неговата посветеност за континуираното лобирање за геополитичката важност на интеграцијата на С. Македонија во ЕУ. Груби и Ќучук ја завршија средбата со оптимизам за европската перспектива на С. Македонија и за прогресивниот развој на двете земји, се вели во соопштението.
А во моментите кога Владата го емитува ова соопштение, во Софија заседава Советодавниот совет за национална безбедност на кој треба да се донесе одлука за подигање на ветото за Македонија во ЕУ. Но, според изјавите на повеќе бугарски функционери, деновиве, тоа нема да се случи, односно Бугарија нема да го симне ветото за ЕУ.