Министерството за економија има рок од седум дена да ја испита правната исполнетост на барањето на „Еуромакс ресурсис“ ДОО Скопје за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот Иловица  во општините Босилово и Ново Село, рече денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Муамет Хоџа, соопштувајќи ја одлуката што беше донесена на вчерашната 141. седница.

Доколку не се исполнети правно-формалните аспекти, ќе биде одбиено барањето односно еднострано ќе биде раскинат договорот за концесија. На прашањето дали е направена анализа колкава ќе биде штетата во тој случај,  портпаролот одговори дека најпрво ќе  се почека извештајот на Министерството за економија.

-На наредната владина редовна седница ќе биде донесена официјалната одлука. Значи, за седум дена Министерството за економија треба да соопшти дали се испочитувани сите услови, рече Хоџа.

На вчерашната седница, рече тој, не било разгледувано кога ќе почне примената на електронска наплата на патарините. Меѓу точките што вчера беа усвоени на седница се дигитализација на Системот за управување со кризи преку имплементацијата на NICS, одобрени специјализации и супспецијализации во согласност со мрежата на здравствени установи за 2019-2022, одлука за парични награди за шампионски титули – 30 милиони денари  за ракометниот клуб „Вардар“ и 1 милион денари за младиот борач Бесир Алили, како и 300.000 денари на неговиот тренер.