Владата на седницата одржана на 14 месецов го разгледала барањето на Општина Дебар, со Предлог-списокот и дала согласност на списокот на имиња на улици, плоштади и други инфраструктурни објекти, објави на својот профил на Фејсбук дебарскиот градоначалник Хекуран Дука.
– Владата на РС Македонија, го одобри Предлог-списокот со имиња на улици во градот Дебар, доставен од Општина Дебар за одобрување. Конечно имаме причина да се радуваме на оваа долгоочекувана и посакувана добра вест. Честитки за сите дебрани и со среќа. На пример, улицата 22 декември сега ќе го носи името Јосиф Багери итн., напиша Дука, објавувајќи и примерок од известувањето.
Советот на Општина Дебар, Предлог-список за нови имиња на улиците, плоштадите, населбите и мостовите ја усвои на 29 април годинава, со запазување и на принципот на гласање според Бадентер.
Во списокот повеќе ги нема имињата на улиците поврзани со поранешна Југославија (ЈНА, 22 декември, Едвард Кардељ…), но и на првоборци и учесници во НОВ (Видое Смилевски-Бато, дебраните Здравко Чочковски, Таса Мартиновска…). Остануваат досегашните имиња на улиците Илинден, Гоце Делчев, Никола Карев, на дебарските народни херои Ибе Паликуќа и Лиман Каба, како и првоборци Павле Џиковски и Зија Мерсоски.
Најголем број од имињата се на личности и настани од албанската историја и култура и Албанци од Дебар.
Трите плоштади ќе го носат името Скендербег и Илирија, како и до сега, додека третиот плоштад ќе се именува Елез Исуфи (национален стратег по потекло од Пешкопеја – Албанија). Мостот Рајчица се преминува во Дебарски Мост, додека Мелнички Мост во Мостот на Радика. Нови имиња ќе добијат населбите Венец еден (Уранику), Венец два (Пенестија) и населбата Депласт (Мост Селам).
Инцијатива за промена на имињата, првпат, Советот на општината поведе во 1996 а потоа и во 2010, но овие иницијативи не беа реализирани до крај.