Во насока на спроведување на препораките на Европската комисија, како и зголемување на обемот на е-трговија во земјава, од 1 јануари 2020 година од царина ќе бидат ослободени малите пратки во вредност до 90 евра.
Како што соопшти Министерство за финансии, ова е овозможено со измените на Уредбата, изработени врз основа на анализата за царинење на малите пратки,
со кои прагот на ослободување од царина за нив се подига од досегашните 45 на 90 евра.
– Расте бројот на мали пратки што граѓаните и компаниите ги порачуваат преку Интернет, а со тоа растат и предизвиците и за државата и за компаниите. Во ЕУ, прагот за мали пратки е 150 евра. Граѓаните што се враќаат од странство преку граничен премин, можат со себе да носат стоки во вредност од 350 евра и за нив да не платат увозни давачки. Кога зборуваме за олеснувањето на прекуграничната е-трговија треба да се земат предвид двете страни. Константни се барањата на граѓаните за зголемување на прагот на вредноста на стоки што подлежат на ослободување од плаќање царина. Од друга страна, има голем притисок на одредена категорија граѓани кои низ превезот на поголеми повластици сакаат да вршат нелегална трговија. Затоа работиме на подобрување на процесите и зголемување на ефикасноста, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска на промоцијата на скенерот за контрола на поштенски пратки во царинската испостава „Пошта“ во ноември годинава.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, електронското купување во нашата земја во 2019 година е зголемено за 14 проценти, односно онлајн нарачките пораснале од 31,6 на 35,9 отсто. Исто така, годинава е зголемен и опфатот на домаќинства кои користат интернет за 81,8 проценти.