До антикорупциската комисија стигнало помалку од половината на договорот потпишан со „Бехтел&Енка. Владата испратила документ од 119 страници и уште 70-тина страници дополнувања и објаснувања кои се претставени како дел од договорот, објави ТВ Телма. Премиерот Ковачевски на денот на потпишување на договорот на крај утврди дека целиот договор има над 400-тини страници
Претседателката на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска вчера потврди дека не го добиле целиот договор и дека дел останал таен за нив, иако треба да проверуваат сомнежи за корупција. Денеска од ДКСК ни соопштија дека откако утврдиле дека не го добиле целиот договор ќе бараат владата да го достави во целост за да може да почнат да работат.
Од владата, пак, со одговор до Телма зошто е кратена верзијата за разгледување, без да се повикаат на законска одредба.
„По одобрување од владата како носител на Договорот за изградба на автопатот Коридор 8 и автопатот на Коридор 10Д истиот беше беше доставен до Државна комисија за спречување на корупција во форма во која што беше одобрен за ограничена употреба од засегнати страни“, се вели во одговорот од Влада.
Од владата не појаснуваат кој и врз основа на кој закон или пропис донел одлука за правење на како што ја нарекуваат „форма одобрена за ограничена употреба од засегнати страни“. Од друга страна иста таква верзија според кажувањата на Ивановска била испратена и до Собранието.
Договорот е целосно таен и јавно не е објавен ниту дел од него. Владата се повикува на деловна тајна, а дефиниција на деловна тајна е она што е определено од правните лица кои потпишуваат определен договор. Но, проблемот е што едното правно лице во оваа зделка е Јавно претпријатие кое троши пари на граѓаните од Буџетот. Зделката се однесува на изградба на патишта.
Непознато е дали деловната тајна се однесува на технологија или на начин на исплата поради што сомнежите во јавноста за нетранспарентност која води кон корупција не се намалуваат. Договорот засега не го виделе во целост ниту пратеници, функционери или антикорупционери кои имаат и безбедносни сертификати за да може да користат доверливи информации.