Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски на увидот на градежните активности во Кисела Вода, од новинарите беше запрашан врз што и темели ставовите дека со уставните измени се спрема редефинирање на Македонија во бинационална држава.

Мицкоски истакна дека ваквите ставови ги темели врз информациите кои ги споделуваат членовите на, т.н. работна група за уставни измени надвор од официјалниот дел на истата, каде што преамбулата треба да биде сменета со која Македонија ќе се редефинира како држава на два народи, а другите граѓани ќе бидат етнички заедници и малцинства.

„Токму на информациите кои доаѓаат од истата таа работна група, од луѓето кои што тоа го зборуваат надвор од официјалниот дел од работата на таа, така наречена, работна група, преамбулата да биде променета и да биде, практично, Македонија редефинирана како држава на два народи, етнички заедници и потоа малцинства. Во три столба ги градираат сите наши сограѓани и тоа е дојдено како информација директно од работната група“, рече Мицкоски.

Но, како и да е, додаде Мицкоски, таа тема за ВМРО-ДПМНЕ е затворена, уставни измени во овој состав и под овие услови нема да има, повторувајќи го ставот дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува промена на устав по хрватски модел, кој воедно е устав на земја членка на Европската Унија.