– Владата ги повикува надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на граѓаните на Град Скопје, пренесе МИА, откако дел од скопјани останаа без парно греење.
Владата ги помага и граѓаните, и општините, и Градот Скопје, но, како што наведуваат, кога се во прашање финансиски обврски кон давателите на јавни услуги, први повикани се надлежните локални власти.
Од Владата велат дека во текот на следната недела ќе се разгледуваат можности за дополнителна помош, но едностран раскин на договорните обврски и прекин на греењето на штета на граѓаните и домаќинствата во зимски услови не може да биде ниту оправдано ниту прифатливо.
Граѓани на Скопје, пред се од Скопје Север и Топанско Поле, деновиве со реакции до медиумите се пожалија дека се без парно или греењето е многу слабо.
Денеска и дел од жителите на главниот град, пред се од Кисела Вода, кои се корисници на услугите на БЕГ се пожалија дека се без парно греење.
Од БЕГ велат дека системот работи во оптимизиран режим кој треба да ги одржува домовите на граѓаните со приклучоци за топловодна енергија до 20 степени во нивната внатрешност.
Согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената парното греење во Скопје од овој месец е зголемена за 14 отсто