Најголеми плати во Владата имаат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тие месечно земаат по 140 илјади 450 денари, или, 2 илјади 280 евра. Сите други министри земаат по 115 илјади 540 денари, односно илјада 870 евра. Платата на Тошковски е повисока од платите на другите министри по Одлуката на Владата од јуни 2017-та, со која министерот за внатрешни добива посебен додаток од 20 одсто, што ги изедначува неговите примања со оние на премиерот.
Владата ги објави овие податоци на својата официјална страница во делот „отчетност“, со образложение дека тоа е дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност и дека висината на платите е јавен податок.