Под мотото „Боите на независноста“ в недела кај Школка во Градскиот парк ќе биде организирана прослава по повод 8 Септември – Денот на независноста.
Прославата ја организира Владата, а најавено е и обраќање на премиерот Зоран Заев.
Предвидена е културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапат Петко и „Пет плус“, Ај кју, Виолета Томовска, Елита Зибери и диџејот Драган Б. Костиќ. Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во традиционалната храна, да учествуваат во спортски активности и да ја видат изложбата на деца од малите групни домови. На штандот на Министерството за здраство граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок и да извршат очен преглед, а припадниците на МВР и АРМ ќе изведат показни вежби.
– Владата на РС Македонија ги кани сите граѓани во недела на заедничко чествување во Градскиот парк во Скопје. Маниефестацијата е со почеток во 11 часот пред Школка. Под мотото „Боите на независноста“ ве покануваме заедно да ги прославиме боите на слободата, радоста и убавината, рече владиниот портпарол Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција во Владата.
Одбележувањето ќе почне со положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на поранешниот претседател Киро Глигоров.