Владата вети дека ќе ги открие сите детали откако беше отворена аферата со штетниот мазут кој се увезува во Македонија. Претставници на власта убедуваа дека најголем загадувач во зимскиот период седомаќинствата кои се греат на дрва, но откриено е дека опасен загадува и трујач на граѓаните се забранетиот мазут во ЕУ, кој се користи како гориво во Скопје и повеќе други градови, во фирми но и државни установи.
Министерството за економија денеска или најдоцна утре ќе ги објави наодите од анализите што ги прават надлежните институции, а имињата на компаниите кај кои ќе се утврдат неправилности при увозот на мазут ќе бидат јавно објавени откако ќе завршат сите процедури, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
– Не криеме ништо, ќе објавиме се на транспарентен начин имајќи предвид дека утре одминува рокот за сите институции да ги достават информациите, истакна вчера Бектеши во одговор на новинарско прашање.
Нагласи дека согласно Правилникот доколку некоја компанија не ги исполнува очекувањата, има основ за одземање на лиценцата за работа. За тоа, како што посочи, надлежна е Регулаторната комисија за енергетика која треба да одлучи дали ќе има прекршочни казни или ќе им бидат одземени лиценците за работа на тие компании.
– Според моите информации, Државниот пазарен инспекторат доставил информација до Регулаторната комисија и согласно нивните правилници, секако РКЕ ќе одлучи дали ќе има прекршочни казни или ќе им бидат одземени лиценците. Во случај кога одредени компании не ги исполниле очекувањата согласно правилникот, и во делот на залихите и во делот на квалитетот, секако тоа е основ за одземање на лиценца, рече Бектеши.
Додаде дека контроли се вршат не само во увозот на нафтени деривати, туку и во внатрешниот пазар при што веќе се направени контроли кај дел од складиштата на компаниите кои се занимаваат со продажба на мазут.