Собранието денеска треба да ја продолжи 104. седница со расправа по предлогот за разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
Расправата почна во петокот, откако во четвртокот вечерта заврши дебатата за разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали. Гласањето за разрешувањето на Сали треба да биде дополнително закажано, а не се одржа бидејќи немаше доволен број пратеници во собраниската сала.
Покрај разрешувањата на Беким Сали и Адмирим Алити, на дневен ред на 104-тата седница се и разрешувањето на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и назначувањата на Фатмир Меџити за министер за здравство, Азир Алиу за министер за информатичко општество, Кренар Лога за министер за правда и Каја Шукова за министер за животна средина.
Разрешени треба да бидат и заменик–министрите за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу, додека за нови заменик-министри во Владата се предлагаат Тирон Јајага за одбрана, Викторија Аврамовска – Мадиќ за правда, Маја Манолева за здравство, Вјолца Бериша за земјоделство и Агим Нухиу за образование и наука.
Сто и четвртата седница почна на 13 февруари, а Собранието претходно ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.