Де бе луѓе, не барајте влакно во јајцето, во цел свет државните химни на прием на официјални државни делегации се свират од воените оркестри и без текст, вели владиката Пимен во врска со денешниот пречек на бугарскиот премиер Кирил Петков, во врска со скратената македонска химна.
Владиката на МПЦ, на Водокрст и спроти утрешното чествување на Крстот на Водици, со политички поуки им се обраќа на верниците и граѓаните на неговиот официјален профил на Фејсбук:
– Ете, се штеди кај што не треба. Не да си вработат во воениот оркестар на АРМ и еден пеач шо ги знае сите јазици и сите химни, тие прават вакви збунки. Шега на страна. Де бе луѓе, не барајте влакно во јајцето. Во цел свет државните химни на прием на официјални државни делегации се свират од воените оркестри и без текст. Сигурно имало посериозни пропусти денес за кои може да си вадиме очи, (иако не сум за да се караме никогаш), ама не и од ова да правиме скандал. П. С. На Богојавление се помирува Небесата со Земјата. Ама ние никако да се смириме. Можеби дека сите Балканците си знаеме дека Македонците сме библиски народ, Христос дека бил Бугарин, Србите дека се небесен народ, Грците дека го имаат јазикот на кој е напишан Новиот Завет… Колкави ни се апетитите за големи држави и планинскиот Балкан да го испегламе, пак ќе ни биде мал во однос на соништата, гласи објавата на Пимен.
Господ нека му прости на г. Пимен или нам на грешниците, но спроти голем православен верски празник, лошо звучи кога владика се јавува како портпарол на Владата со политички поуки, наместо со поуки за рабовите божји и граѓаните и за (политички) прашања што ја засегнуваат верата и Македонската православна црква, спроти големиот христијански сведен.
(Д.Г.)