Екс битолскиот градоначалник Владимир Талески доби 8 години затвор за случајот Транспортер за злоупотреба на службената положба околу превозот на ученици од средните и основните училишта на територијата на Битола. Затворска казна од 6 години и 6 месеци доби и другиот вработен во општината Слободан Бончаноски.

Осум директори на училишта и двајца управители на фирми за превоз поминаа условни казни, додека останатите сопственици на фирми се осудени на затворски казни кои се движат од 2 до 3 години.

Судијката Добрила Кацарска пресудата ја изрече пред само двајца од обвинетите превозници и дел од адвокатите. Според пресудата фактурите за превоз со повисока цена од договорената компаниите ги праќале на директорите на училиштата кои пак ги доставувале до Општината која ги исплаќала. Направената штета е над 34 милиони денари.

На барање на обвинителот Трајче Пеливанов во куќен притвор ќе останат Талески и Бончаноски.