Денеска се одржа заедничка седница помеѓу владите на Македонија и Унгарија, на која се разгледаа и усогласија клучни прашања од заеднички интерес.
Седницата се одржа по билатералните средби на ресорните министри, кои послужија како основа за продлабочување и зацврстување на соработката, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Средба Николоски – Лазар: На Македонија и се потребни пријатели како Унгарија, ја унапредуваме соработка
Средбата е дел од дводневната владина посета на Унгарија и одржување на македонско-унгарскиот самит. Во фокусот на средбата беа економските политики и инфраструктурниот развој на регионот.
-Македонија има силни инвестициони планови во модернизација на транспортната мрежа и во таа насока се реализираат крупни инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат конкурентноста на транспортот во регионот посебно на европските коридори, истакна вицепремиерот Николоски.
Тој потенцираше дека Македонија е силно посветена на изградба на брза пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта и затоа огромна е важноста на поддршката на земјите од Европската Унија за реализација на еден ваков проект.
Исто така на средбата министрите разговараа и за можноста за реализација на заеднички проекти од регионален интерес, зголемување на трговската соработка и инвестициите.
Министерот исто така информираше и за забрзаните активности за реализација на крупните капитални проекти во Македонија, потенцирајќи дека средствата од заемот веќе се насочени кон општините за реализација на инфраструктурни проекти.
На средбата беа разменети мислења и ставови во делот на зголемување на билатералните и мултилатерални односи и стабилностa во регионот. Вицепрмеиерот Николоски изрази огромна благодарност за несебичноста на унгарската влада во подршката што ја овозможуваат за економско зајакнување на Македонија и за процесот на евроинтегративните процеси на земјата.
Тој истакна дека Македонија е силно посветена на европерспективите преку реформирање на значајни сегменти во судството, борбата против криминалот и корупцијата.
-Овие средби со нашите унгарски пријатели ќе донесат големи придобивки за Македонија и регионот. И веќе македонските граѓани ги чуствуваат тие придобивки. Алоциравме 100 милиони евра кон општините за нивeн развој токму преку финансиската подршка од Унгарија, а оваа година веќе 250 милиони евра се ставени на располагање исто така за проекти во општините. Имаме одлични економски и билатерални односи со Унгарија, оваа година бележиме три децении од тие односи и сметам дека тоа е плод на заедничките политики. Ова е време кога се потребни силни пријатели, а Унгарија е силен партнер на Македонија и голем подржувач во реализација на стратешките цели на земјата, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
На средбата двете страни изразија задоволство од досегашата соработка, потенцирајќи дека унапредувањето на односите меѓу двете земји е активност на која ќе работат и двете влади.
Мисајловски: Отвораме ново поглавје во одбранбената соработка
Во рамки на унгарско – македонскиот владин самит, на средбата со мојот унгарски колега Кристоф Салај Бобровницки разговаравме за интензивирање на одбранбената соработка, која подразбира зајакнување на капацитетите, но и отвора нови можности при набавките за модернизација и опремување, објави министерот за одбрана Владо Мисајловски.
-Денешната средба е уште еден чекор во градењето на побезбедна и посигурна иднина, затоа што безбедноста и благосостојбата на нашите граѓани не е само наша должност – туку е наша обврска, потенцира министерот Мисајловски.
-Преку Планот за одбранбена соработка и Меморандумот за разбирање, кој е во завршна фаза, ја зацврстуваме довербата и градиме едно силно пријателство. Соработката во делот на воена едукација и обука, образование, размена на информации и изведување на заеднички вежби придонесува кон сето ова, објави Мисајловски.
Во јуни оваа година во Охрид ќе бидеме сведоци на изведувањето на заедничка вежба на нашите единици за специјални операции, потенцира министерот за одбрана Мисајловски.