Марко КИТЕВСКИ

(„Македонски празници и празнини обичаи“)

Во Македонија празникот на светите браќа Кирил и Методиј отсекогаш се празнувал свечено и со многу активности, како што се служби, литии, беседи за значењето на светителите и сл. Но по Втората светска војна имало извесен дисконтинуитет во празнувањето. За тоа ни сведочи едно писмо на Димитар Влахов до Јосип Броз Тито, од 7 мај 1948 година, во кое зборува за потребата од празнувањето на овој празник во Македонија. Притоа Влахов нагласува дека во Бугарија овој празник се празнува како државен празник, притоа се прават и обиди браќата Кирил и Метдоија да се претстават како бугарски просветители.

„Другар Маршале, на 24 мај кај нас и посебно во Македонија, како и воопшто кај другите словенски земји се прославува празникот на словенските просветители Кирил и Методиј. Прославата на тој ден во минатото играше голема улога во преродбата на националната свест на нашите браќа Македонци за нивното обединување и за јакнењето на нивната борба за национални, културни и политички права.

Тој празник беше еден од најголемите празници на македонскиот народ. Во градовите, а особено меѓу интелегенцијата тој заземаше највисоко место. Тој беше вистински народен празник. Тој ден се собираше целото население од градовите и од селата и беа организирани црковни служби, чествување, игри веселби. Особено активно учество на тој празник земаше училишната младина, затоа што денот на Кирил и Методиј се сметаше главно како ден на словенската култура и просвета. Тој ден е една од главните пројави на традицијата на македонскиот народ. Денот на Кирил и Методиј се прославува уште од моментот кога македонскиот народ почна да ја води својата борба за културно, национално, политичко и социјално-економско ослободување, т.е. од пред еден век и половина.“

Натаму Д. Влахов пишува дека во Бугарија тој празник се празнувал како државен празник и бил искористуван за големобугарската пропаганда. Притоа нагласува дека во Македонија овој празник не се празнувал, а меѓу интелегенцијата во Македонија имало незадоволство во врска со тоа. „Засега ние во Македонија не го прославуваме тој празник. Јас имав можност да ги слушнам одгласите, не многу поволни за нас, од старите прогресивни луѓе кои ефективно учествувале во прославувањето на денот на Кирил и Методиј. Сметам дека тој ден треба да се празнува како празник на словенската солидарност и братство.“

Влахов уште пишува дека празникот треба да се празнува најсвечено, така како што некогаш се правело, кога тие празнувања имале и пошироко значење. „Посебно за Македонија тој ден треба да биде најсвечено поставен, да добие значење какво што имаше во времето кога ние Македонците се боревме против ропството на Фенерот и турските паши и султани за своето ослободување. И во Македонија тој ден, исто така, може да биде присутен и пожелно е да биде присутен. На таа свеченост треба да учествуваат не само учениците и работниците на културно поле, туку би требало да учествуваат и нашите народни избраници на чело со нашата влада, со нашите народни претставници.“

На крајот од писмото Влахов го повикува Маршалот да најде време, да ја разгледа оваа сугестија и да се донесе решение „кое ќе биде од корист за сите братски народи на ФНРЈ.

Очигледно од писмото се гледа духот на времето кога е пишувано. Се бара празнување на празникот, но никаде не се споменува нивната света димензија. Дури тие и не се нарекуваат светители.