Пишува: Блаже Миневски

На седми мај 1948 година, македонскиот револуционер, општественик и државник, Димитар Влахов, официјално, писмено побарал од Тито да се востанови нов државен празник посветен на солунските браќа свети Кирил и Методиј а на чествувањето да му се даде карактер на празник на словенската култура, словенската солидарност, словенското единство.

Писмото е регистрирано во Архивот на Тито, но одговор до Влахов, во тоа време потпретседател на Президиумот на Сојузното собрание на ФНРЈ,  никогаш не стигнал, односно Тито очигледно не бил заинтересиран за таков третман на сесловенските просветители и учители. Всушност, требаше да поминат речиси шеесет години и, дури во 2007 година, владата на ВМРО-ДПМНЕ да ја прифати неговата идеја Денот на светите солунски браќа, 24 мај, да стана државен празник на Македонија. Со празникот се оддава почит на свети Кирил и  свети Методиј, составувачи на првата словенска азбука – глаголицата. Во Македонија овој ден првпат е одбележан на 11 мај 1860 година во црквата „Света Богородица“ во Скопје, а денот што се празнува е утврден според датумот на започнување на Моравската мисија.

Денот на Кирил и Методиј е еден од најголемите празници на македонскиот народ!“

Писмото на Влахов, непознато за пошироката јавност, се чува во збирката документи со четан на Архивот на Јосип Броз Тито, каде што има поголем број прилози поврзани со Македонија од 1943 до 1953 година. Според историчарот д-р Новица Велјановски, кој имал увид во архивата, фондот содржи мошне значајни документи создавани или архивирани во Кабинетот на претседателот на Југославија кои фрлаат светлина  на многубројните проблеми со кои се соочувала федерацијата во текот на близу четириесет години.

Во писмото Влахов бара Тито лично да се зазема за државно празнување на денот на свети Кирил и Методиј. Во оригиналниот документ меѓудругото се вели: „Другар маршале, на 24 мај кај нас, во Македонија, како и воопшто во другите словенски земји, се прославува празникот на словенските просветители Кирил и Методиј. Прославата на тој ден во минатото играше голема улога во преродбата на националната свест на Македонците, во нивното обединување и јакнење на нивната борба за национални, културни и политички права. Тој празник беше еден од најголемите празници на македонскиот народ. Тој беше вистински народен празник. Тој ден се собираше целото население од градовите  и од селата, и беа организирани црковни служби, чествување, игри, веселби итн. Особено активно учество во тој празник земаше училишната младина, затоа што денот на Кирил и Методиј се сметаше главно како ден на  словенската култура и просвета. Тој ден е една од главните пројави на  традицијата на македонскиот народ. Денот на Кирил и Методиј се прославува уште од моментот кога македонскиот народ почна да ја води  својата борба за културно, национално, политичко и социјално-економско ослободување, т.е. од пред еден век и половина“, пишува Димитар Влахов.

„Другар маршале, во Бугарија овој празник се прославува свечено. Тоа е организирано од власта. Особена свеченост на овој празник му била давана за време на фашистичката власт. По ослободувањето на Бугарија од фашистичкото угнетување, новата отечествено-фронтовска власт продолжи да го прославува денот на Кирил и Методиј. Во Бугарија тој ден е неработен, празничен и на тој ден се организираат големи свечености. Се држат говори, обично од наставниците, се организираат излети, се подготвуваат свечености, веселби, насекаде се зборува за работата на Кирил и Методиј, дека се словенски просветители, дека ја создале „старобугарската“ писменост и на тој начин се поддржува големобугарштината. Но, Кирил и Методиј писменоста му ја дале на целото словенство а не само на Бугарите. Бидејќи браќата се од Солун, Македонците земаат најживо учество меѓу Словените во прославување на делото на Кирил и Методиј, како и делото на Климент Охридски, еден од учениците на Кирил и Методиј. Во Бугарија на прославувањето му се дава  карактер на бугарски празник, со што, се разбира, се дотура вода на воденицата на големобугарштината, а ние, Македонците, за жал, се уште не го прославуваме овој празник како државен празник. Јас имав можност да ги слушнам одгласите, не многу поволни за нас, од прогресивни луѓе во Македонија, кои порано здушно учествувале во прославувањето на денот на Кирил и Методиј. Сметам дека тој ден треба да се прославува како празник на  словенската солидарност и братство. Мислам дека ќе биде најдобро ако денот на Кирил и Методиј, кај нас, во ФНРЈ, се прогласи за ден на словенската солидарност, и ако сите училишта и сите културни установи го прославуваат како ден на нашата култура и просвета“.

Празник на словенска култура, солидарност и единство!

Во продолжение на писмото испратено до Тито на 7 мај 1948 година, значи 17 дена пред чествувањето на сесловенските просветители во сите словенски земји, освен во Југославија, тогаш седумдесетгодишниот Димитар Влахов истакнува:   „Посебно во Македонија тој ден треба да биде најсвечено државно прославен, да добие значење какво што имаше во времето кога ние Македонците се боревме против ропството на Фенерот, против пропагандата што ја вршеше Грчката патријарпшија, но и против турските паши и султани. Барем во Македонија тој ден треба да се слави на највисоко ниво, односно пожелно е да се слави на највисоко ниво. На таа свеченост треба да учествуваат не само учениците и работниците на културно поле, туку и нашите народни избраници на чело со нашата влада и сите наши народни претставници. Ние треба да се стремиме кон тоа од рацете на бугарските јавни работници, и од бугарската власт, да го земиме она што нам, Македонците, ни припаѓа. Истовремено со тоа треба да го манифестираме нашето македонско единство, не само со браќата  од Пиринска и Егејска Македонија, туку и со нашите браќа бегалци и емигранти кои живеат во Бугарија и на други е места во Европа, Америка, Австралија… Исто така нам ни е потребно да го подигнеме на соодветна висина вистинскиот лик и на другите словенски просветители кои се родиле во Македонија и чии заслуги за народното дело сега се искористуваат за целите на големобугарштината. Потребно е, исто така, да ја одбележиме и да ја одбележуваме годишнината од смртта на Климент Охридски, ученик на Кирил и Методиј, еден од  големите македонско-словенски просветители, кој во почетокот на 10-от век имал школа во Охрид во која учеле 3500 ученицви од кои многумина станале учители, свештеници, ѓакони, преведувачи на книги и друго“,  се вели во писмото.  „Затоа, ве молам, другар маршале, да најдете време и да ја разгледате оваа моја сугестија. Убеден сум дека во врска со оваа моја сугестија ќе донесете  решение кое ќе биде од корист за сите братски народи на ФНРЈ“, завршува Влахов, кој, како што се гледа, иако имал седумдесет години,  а бил испратен испратен  во Белград за да не им пречи на младите кадри во Скопје во нивната концепција за градење на новата македонска држава, колку што можел, и како што можел, докрај се борел за афирмација на македонскиот народ. Само пет години подоцна, во април 1953  година, Димитар Влахов веќе не е меѓу живите. Сега,  шеесет и три години подоцна,  денот на свети Кирил и Методиј веќе десет години е  државен празник во Македонија, односно се слави на највисоко ниво. Освен тоа,  во меѓувреме, во 1980 година, триесеттина години по писмото на Влахов, папата Јован Павле Втори, со апостолско послание, светите солунски браќа ги прогласи за сопокровители на Европа, веднаш до европскиот покровител свети Бенедикт. Во тој контекст, Влахов денес бездруго би бил задоволен и од едното, и од другото, затоа што самиот сметал дека чествувањето на сесловенските просветители треба да биде празник на културата, солидарноста и единството. Само, кој да им го објасни тоа на мародерите од молерската револуција кои не знаат ни што е култура, ни што е солидарност, ни што е единство кога е во прашање државата.

Сите други народи сакате да бидат слепи и глуви!

„Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а  Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?“, рекол Константин филозоф, подоцна славен со калуѓерското име Кирил, кога во деветиот век го бранел словенскиот јазик пред оние што тврделе дека само латинскиот, грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Притоа го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус. Во меѓувреме,  користејќи го говорот на македонските Словени од околината на неговиот роден Солун, кој го знаел од детството, Константин ја составил првата словенска азбука – глаголица со 38 букви, а говорот на македонските Словени го издигнал на ниво на прв книжевен јазик. Со Методиј и нивните ученици ги превеле најзначајните црковни книги од грчки на старословенски јазик, и во 863 година тргнале во мисија во Моравија, каде што останале 40 месеци. Подоцна, по Цариград, и Рим официјално го признал словенскиот јазик за рамноправен со другите а. Константин стапил во калуѓерски ред и го добил монашкото име Кирил. Починал во Рим на 14 февруари 869 година, завршувајќи го животот истоштен и болен на 42 години. Закопан е во базиликата Свети Климент (Сан Клементе), посветена на светецот со чии мошти дошол во вечниот град. Во Македонија за животот и делото на Кирил и Методиј се напишани над десет илјади студии, прилози и статии, има и голем број фрески и икони инспирирани од солунските браќа, а многу цркви и образовни институции го носат нивното име. Тие се патрони на Скопскиот универзитет, а македонска делегација секоја година оди на поклонение на гробот на свети Кирил во  Рим. Првпат ова чествување во Рим е организирано во 1969 година, по повод 1100 годишнината од смртта на светителот, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести во присуство на црковно-државна делегација од Македонија.

Според писмото на Влахов:

Македонија е земја во која тој ден отсекогаш најмногу се празнувал!

Според Димитар Влахов, делото на Кирил и Методиј е општословенско дело па затоа на денот посветен на солунските браќа треба да му се даде карактер на празник на словенската култура, словенската солидарност, словенското единство: „Пред една година на седницата на Сесловенскиот комитет во Белград присуствуваа и претставници на братските словенски земји Полска,  Чехословачка, Бугарија и Советскиот Сојуз. Јас тогаш укажав на настојувањето на бугарските националисти и фашисти да го присвојат делото на Кирил и Методиј и да му дадат големобугарски печат, иако Македонија е земја во која тој ден отсекогаш најмногу се празнувал. На оваа аргументација никој од присутните не искажа поинакво мислење и премолчено прифатија на тој празник да му се даде општословенски карактер како празник на словенската  солидарност“, пишува Димитар Влахов во писмото што на 7 мај 1948 му го испратил на Тито, замолувајќи да најде време и да го разгледа неговиот предлог за државно празнување на ликот и делото на солунските браќа Кирил и Методиј.