Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог за новинар на интернет порталот www.infomax.mk за кривично дело – оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик.
– Обвинетиот на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна. Имено, тој ја објавил првата страница од записник за примање кривична пријава од едно лице заведен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Обвинителството го поднесе обвинението до Основниот кривичен суд Скопје откако по објавата на записникот на споменатиот интернет портал беа направени потребните проверки и беа обезбедени материјалните докази за наведеното кривично дело, согласно Законот за кривична постапка, соопшти Јавното обвинителство.
Во поглед на околностите на кој начин овој записник е излезен од списите на предметот и како е предаден на обвинетиот новинар за да биде објавен, Обвинителството ќе поведе кривична постапка доколку утврди кое лице го предало и за тоа обезбеди докази.
Ако се навратиме наназад ќе се потсетиме каква кампања и каква борба за слобода на медиумите се водеше, исто така за новинар, кој беше обвинет за откривање на заштитен сведок, во времето кога сегашнава власт беше во опозиција.