Администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп побара од десетина универзитети да потпишат договор со однапред утврдени правила за да имаат пристап до федерални средства, објави „Волстрит џурнал“.

Во документот се бара универзитетите да забранат позитивна дискриминација врз основа на раса или пол при вработување и запишување студенти, да ја замрзнат висината на школарината на пет години, да го ограничат бројот на странски студенти на додипломски студии на 15 проценти и да ја намалат „инфлацијата на оценки“.

Трамп, откако повторно влезе во Белата куќа, постојано се судира со универзитетите околу прашања како пропалестински протести, трансродови политики, климатски иницијативи и програмите за различност и еднаквост, наведува весникот. Тој ги обвинува дека промовираат „антиамерикански вредности“.

Критичарите предупредуваат дека ваквиот потег ја загрозува слободата на говор и академската автономија, обвинувајќи ја администрацијата дека сака да ја стави академската заедница под политичка контрола.

Спогодбата е испратена до универзитетите „Вандербилт“, „Дартмут“, Пенсилванија, Јужна Калифорнија, МИТ, Тексас, Аризона, Вирџинија и „Браун“. Ако ја прифатат, ќе добијат „значителни федерални поддршки“. Висока советничка на Белата куќа, Меј Мејлман, изјави дека очекуваат универзитетите да ја сметаат понудата за „разумна“.