Сашо Сенков ни крив ни должен со месеци беше во притвор само заради политичка одмазда на СДСМ кон сите кои мислат поинаку, реагира со соопштение ВМРО-ДПМНЕ.
„На Сашо Сенков му се погазени сите права и без никаква основа и докази беше политички обвинет од страна на клиентелистичкото обвинителство на СДСМ. Зоран Заев и неговите послушници не ги интересираше ниту здравствената состојба, ниту семејството на Сенков. Ги интересираше само спроведувањето на наредбата за одмазда. Одговорност за ваквото однесување мора да има и ќе има“, се нагласува во соопштението.
Опозициската партија вели дека случајот со Сенков е сам еден од „жртвите на политичкиот прогон на државата заробена од криминалниот картел“.
„Вчера на носилка од судница беше изнесен и Александар Јанески – Тошта. Судот не го интересира ниту неговото здравје, ниту фактите на одбраната. Веќе една година живееме во целосно заробена држава. Станавме држава во која Зоран Заев иако флагрантно е фатен во кривично дело е ослободен само затоа што е премиер, а во исто време неговите политички противници се осудуваат без докази, само затоа што размислуваат различно од Зоран Заев. Помина една година на политички апсења и прогон. Една година во која е деградирано правото, а неправото стана пракса“, се истакнува во соопштението.