Хрватска, Бугарија, Грција, Албанија, Словенија, БиХ, Србија и Црна Гора заедно имаат двојно помалку заразени со корона вирусот од Македонија. Ова е капитулација на системот и негрижа за животот и здравјето на сопствените граѓани, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
– Новата нормалност на Зоран Заев и СДСМ се 89 заразени и 7 починати лица во последното деноноќие. Тој биланс од црниот понеделник е резултат на неспособноста на власта на Заев и политичкиот диктат што го прави на здравствените власти. Во Македонија има вкупно 2315 заразени и со тоа сме на врвот по заразени во регионот на милион жители. Во Македонија има 140 починати и сме убедлив црн рекордер во целиот регион по жртви од корона вирусот на еден милион жители. И покрај ваквите бројки Заев и СДСМ наместо да размислуваат за здравјето и животите на граѓаните, тие тераат кампања и зборуваат за датуми на избори. Јасна е причината сакаат избори со премала излезност за нивниот пораз да не биде толку убедлив. Во Услови кога половина СДСМ и Влада се во самоизолација, тие ја убедуваат јавноста во нивните партиски флаери дека ја победиле корона епидемијата. Тоа покажува колку се тотално одлепени од реалноста. Ним здравјето и животите на граѓаните не им се приоритет, приоритет им е како да ја спасат политичката кариера на Зоран Заев, се вели во соопштението.
Натаму во истото се додава:
– СДСМ со своето неодговорно однесување, водење на кампањи, делење манипулативни флаери и пакети со поткуп на граѓани нема да се спасат од пораз, но ризикуваат да ја прошират епидемијата и да заразат други граѓани. СДСМ почнува да станува нов , најопасен кластер од корона вирусот. ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ. Ние бараме Македонија прво да ги насочи сите свои капацитети во справување со епидемијата, а потоа да следат избори на кои Заев и неговата власт ќе бидат казнети од народот. Трите години власт на СДСМ и Заев донесоа хибриден режим, неспособност, корупција, криминал и сиромаштија и тоа народот ќе знае да го казни соодветно, соопшти Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.