Власта на СДС и ДУИ го донесе македонското здравство во колапс. Три недели не се врши санација на хируршките сали. Три недели пациентите чекаат за хируршка интервенција, а надлежните не само што немаат решение, туку не ги интересира што човечки животи се во прашање. Додека министерството за здравство се натега, министерот Илир Демири држи прес конференции и се препукува со директорот на Кардиохирургија, заменичката министерка Маја Манолева прославува роденден, граѓаните чекаат да се најде решение, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Пациентите чекаат и стравуваат за сопствените животи, а Демири и Манолева си прават роденденски журки во Министерството за здравство. Власта во заминување го пробуши дното. Здравството во Македонија колабира. За санирање на проблемот односно да се направи компресорот во хируршките сали потребни се околу 120.000 евра, но очигледно од ова немаат екстра заработувачка па не сакаат да го решат. Наместо хируршки интервенции да се вршат во Клиничкиот центар, граѓаните се препраќаат во други здравствени установи сами да се снаоѓаат, како знаат и како умеат, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека ова е скандал од невидени размери.
-Човечкиот живот нема цена. Со ова власта во заминување уште еднаш докажа и покажа дека не им се важни проблемите на граѓаните. Ветуваа европско здравство, ветуваа модернизација на здравство, а донесоа тотален хаос. Но, добро е што ова заврши. За многу брзо од денеска ќе се случат сериозни реформи и проекти во здравството. Здравствениот систем бара итен и целосен рестарт. Граѓаните мора да се безбедни и сигурни дека ќе имаат добра и соодветна здравствена и медицинска услуга, велат од ВМРО-ДПМНЕ.