Македонската економија е пред колапс, а граѓаните се се посиромашни. Единствено што функционира турбо е општиот грабеж и делењето тендери на фирми на владините функционери или нивни блиски кои вообичаено се формираат една недела пред да биде распишан повикот.

Ова се истакнува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната владина прес-конференција,

– Дури и шминканите резултати за овој квартал говорат за погубните економски политики на оваа власт. Економските факти се следни. Овој резултат за кој власта денес на фанфари се фалеше е трет најмал раст на БДП за вториот квартал во Европа. Дури и овие резултати да не се наместени, тогаш се резултат по инерција од другите економии, а не се резултат на економските политики на оваа власт. Растот на БДП во вториот квартал од 2018 година се должи првенствено на два фактори. Прво многу ниската основа, бидејќи БДП во истиот квартал минатата година, бележеше негативна стапка на раст. Второ растот се темели на нето-извозот, што е резултат на работењето на претпријатијата во ТИРЗ-овите (односно зоните), кои се резултат на напорната и систематска работа на претходната влада. Ако се погледне расходната страна од структурата на БДП се потврдува заклучокот дека нето-извозот е единствената светла точка во овој период, кој пред се се должи на работата на ТИРЗ-овите, додека бруто инвестициите се во колапс и бележат пад од цели 11 отсто. Тоа покажува дека наместо да заживува економскиот циклус во земјава, тој е речиси замрен, се вели во реакцијата.

Поразителните резултати за кои, се додава во соопштението, оваа власт денес не кажа ни збор се дека градежништвото, една од клучните економски дејности, и натаму е во слободен пад кој е двоцифрен.

– Особено загрижува падот од над 19 отсто на дејностите од областа на ИТ, кои во современи услови се иднината на растот на економиите. Овој пад е несомнено резултат на најавите на владата на СДСМ и ДУИ за зголемување на даноците, за што во своите реакции до сега меѓу најгласните претставници беа компаниите од ИТ дејностите. Исто така, деновиве од авторитетно место, НБРМ, можевме да слушнеме дека катастрофалната реализација на капиталните инвестиции што ја бележи оваа неспособна влада, ќе предизвика економски раст во земјата далеку под проектираниот за оваа година, реагира најголемата опозициска партија.

Премиерот и економскиот дел од владата, се додава натаму во реакцијата, не можат да се договорат ниту околу потребата од ребаланс на буџетот.

– Очигледно СДСМ и криминалниот картел на власт се веројатно единствените на светот кои се фалат со економски неуспеси. Замислете владата која ја заврши 2017 година со раст нула, која првиот квартал го почна со 0,1 отсто сега говори за економски напредок. Во овој период од првиот до вториот квартал се случи само доделување на концесија на фирмата на кланот Заеви за експлоатација на минерални суровини, доделени се државни тендери на фирмите на вицепремиерот Анѓушев, доделен е грант од 300.000 евра за снаата на советничката во премиерскиот кабинет Цветанка Ласкова, доделена е стипендија на ќерката на МНР Димитров, доделена е лиценца за фирма од кланот Заеви за одгледување на марихуана. Се друго стагнира, народот се осиромашува, цените растат, а стандардот опаѓа. Се друго е шминка и весела математика на власта, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.