Република Македонија тоне во црнила. Црнила на демографски план, црн воздух, зацрнето стопанство, оцрнето здравство, црнила на секое поле во општеството поради неспособноста на СДСМ, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Државата како никогаш досега се празни. СДСМ ветуваше враќање на иселените, за две години откако го дадоа ова ветување да гледаме како иселувањето е неколкукратно зголемено. Граѓаните сведочат за испразнети села и градови, цели маала со затворени дворови чии сопственици се трајно иселени.
Власта не нуди услови за живот. Ниту елементарните услови како чист воздух и животна средина не се исполнети, ветуваа почист воздух веднаш, а две години потоа граѓаните ги полнат болниците како последица на срцеви и белодробни проблеми предизвикани од загадувањето кое е неколкукратно над дозволеното.
Скопје веќе два месеци е најзагаден град во Европа, а помеѓу десетте најзагадени во светот. И додека граѓаните се трујат, Шилегов игра игри на телефон, а Макрадули спие во Собрание.
Спијат функционерите и со прст не мрдаат ниту за стопанството, бизнисите на граѓаните тонат, а на функционерите на власта добиваат милионски тендери од буџетските корисници.
Додека економијата тоне, платите стагнираат, трошоците за живот растат. Услугите кои државата треба да ги гарантира преку системите на јавно здравство и образование се се послаби.
Република Македонија е зацрнета и тоа го чувствува секој еден граѓанин, без разлика на неговата верска, етничка, политичка или било каква друга припадност. Ветуваа живот за сите, донесоа црнила за сите. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на Република Македонија кои не се согласуваат нашата држава и понатаму да тоне да ни се придружат на протестниот марш денес, од 19 часот од плоштад ВМРО до Владата на Република Македонија“ се наведува во соопштението на партијата.