Точно една недела откако во јавноста осамна аферата Рекет 2 тешка над 11 милиони евра, а ЈО на Русковска и властите не реагираат воопшто и со своето неделување овозможуваат криминалците да го повторат делото, да влијаат врз сведоци и докази, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
– Заев и Филипче го пуштија Ден Дончев да се брани со илузорна прес конференција, на која го призна практично целиот криминал, но реакција од ЈО нема. Реакција нема, затоа што ЈО е под директна команда на Зоран Заев. Неказнивоста на криминалот и непостапувањето на институциите во заштита на инвестициите кои обезбедуваат подобар стандард ќе има долгорочни последици. Со несериозниот третман на случајот Рекет 2 се испраќа порака дека секој потенцијален инвеститор може да настрада и нема да добие правда доколку на него му се намерачи некој соработник на Заев. Затоа е толку катастрофална состојбата со странските инвестиции, а од Македонија заминуваат и оние кои дошле, се вели во соопштението.
Заев и Русковска, се додава натаму, по истиот принцип по кој ја затскриваа аферата Рекет сакаат да го затскријат и Рекет 2.
– Да не беше меѓународниот притисок во Рекет истрага воопшто и ќе немаше, за подоцна откако меѓународната јавност реагира во притвор да завршат само директните извршители Зоран Милески – Кичеец, Боки 13 и Катица Јанева. Зоран Заев и Вилма Русковска мора да знаат дека власта не е вечна, и дека со паѓањето на СДСМ од власт одговорност за целиот криминал, како и за неговото затскривање со цел неказзнивост ќе има. Секој еден кој сега под диктат на власта врши криминал ќе одговара. Зоран Заев и СДСМ паѓаат. Граѓаните ќе им го кажат тоа на претстојните парламентарни избори, се вели во реакцијата од опозициската партија.