Изминатата 2018 година е успешна на економски план само за функционерите на СДСМ кои се богатеа преку криминалните тендери или иновативните грантови кои сами на себе си ги делеа, а работниците, стопанствениците, младите, пензионерите зад себе оставаат година исполнета со црнила и неуспеси, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
– Македонија оваа година ќе ја заврши со најслаб раст на БДП во регионот и Европа. Бележиме пад на листата за услови за водење на бизнис на реномираниот Форбс за 5 места во споредба со минатата година и сме на 68 место, а 31 место сме паднати во споредба со 2014 година. На листата за индекс на корупција на Транспаренси интернешнл сме рамо до рамо со Танзанија и Етиопија на 107 место, се вели во соопштението.
Фирмите на вицепремиерот Анѓушев, се додава, добиваа милионски тендери од државни институции, а фирмите на Вице Заев добиваа концесии и ги ширеа своите бизнисите како канцер.
– Стандардот на граѓаните го изедоа поскапувањата на водата, паркинзите, горивата и други производи и услуги. Јаболката, праските, зелките и сливите наместо на пазарите завршија на буниште, а потешкотии со откупот имаа и речиси сите други земјоделски производители. Нема ништо од ветувањата за 500 евра просечна плата, поврат на 15% од ДДВ, од 13-та плата во секое семејство, иако поминува половина од мандатот кој што добија. Нема нови фабрики и странски инвестиции. Ветуваа дека ќе ги донесат Гугл и Фејсбук, а не само што не ги донесоа, туку со покачувањето на даноците ги бркаат и информатичарите од Македонија. Државата галопирачки се задолжуваше цела година и јавниот долг ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра. Годинава имавме историски најголем буџет од 3,4 милијарди евра, а догодина уште поголем буџет од 3,7 милијарди евра, а патем никој не може да види за што тие пари се потрошија, бидејќи реализацијата на капиталните инвестиции е едвај 50% со сите ребаланси и кратења, соопштува опозициската партија.
Младите, се вели натаму во соопштението, поради зголемувањето на сиромаштијата и бесперспективноста си заминуваат, а се почесто си заминуваат и цели семејства, за што говори фактот за отпишување на учениците од основните и средните училишта ширум Македонија.
– Се вработуваа децата, мајки, сестри, па и фризерките на функционерите од власта и партиски послушници во државни институции, како во случајот со Костадинов, Бучковски, Џефери, Бејта, Грчев, Кирацовски, Фрчкоски или пак да се доделуваа мрсни стипендии за школување како во случајот на ќерката на Никола Димитров. Бројките во економијата ќе беа уште полоши ако не беа странските инвестиции кои владата на ВМРО-ДПМНЕ ги донесе во ТИРЗ-овите и кои овозможија одржување на стапката на вработени и некаков извоз од Македонија на странските пазари. Едноставно кажано- животот го претворија во пекол за сите, само не за своите највисоки функционери. Дури и членството на СДСМ виде каков криминален картел е на власт. Црнилата кои ги донесе овој картел ќе завршат, само кога ќе заврши нивната политичка кариера. Само заминувањето на аболицираниот криминалец Заев и екипата околу него може да донесе среќа во 2019 –та година за сите граѓани, вклучително и за членовите на СДСМ, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија.