Младите се најголемата жртва на лагите на СДСМ, кој ветуваше брда и долини, инвестиции во образованието, подобрување на студентскиот стандард, грантови за млади и што ли уште не, а ништо од тоа не реализираа, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението од најголемата опозициска партија се вели дека „младинската гаранција со која се фалеше СДСМ е најголемата лага изречена кон младите“.
– СДСМ на младите им ветуваше вработување, пракса или дообучување во првите четири месеци по завршување на своето образование, а гледаме дека ништо од тоа не е остварено. Во ЕУ не се оди со криминал и корупција. Сведоци сме како грантови на Фондот за иновации и технолошки развој наместо кај млади претприемачи и истражувачи завршуваат кај партиските функционери од власта. Македонија со СДСМ го достигна дното според можноста за напредок на младите, а тоа го потврди и Европскиот младински форум. Македонија се најде на 49 место и пред нас се и земјите од регионот како Србија, Бугарија, Албанија и Црна Гора, се вели во соопштението.
Натаму се додава дека „откако е СДСМ на власт бројот на млади лица кои си заминуваат од државава постојано расте“.
– СДСМ нема капацитет и план како да го подобри животот на младите и да ги задржи во државава. СДСМ ги понижи и ги остави без перспектива младите во Република Македонија. Младите се чувствуваат измамени и злоупотребени од СДСМ. Време е СДСМ и Заев да си заминат затоа што младите луѓе во Република Македонија заслужуваат подобро, порачува опозицијата.