ВМРО-ДПМНЕ смета дека мерката „Зелена нафта“, промовирана денеска од премиерот Зоран Заев, нема да ги реши проблемите на земјоделците.

-Денеска бевме сведоци каде премиерот Зоран Заев на една наместена и фингирана ситуација ја промовираше мерката „Зелена нафта“. Квази мерката „Зелена нафта“ која што неколкупати потенциравме дека е фиктивна и дека нема реално да ги реши проблемите на македонските земјоделци, вели Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој го повика Заев и министерот за земјоделство Трајан Димковски заедно да отидат во било кој крај на Република Македонија и да ја видат реалната ситуација во која што се наоѓа македонското земјоделство.

-Оваа е сликата позади мене која што е реалната и вистинската ситуација во Република Македонија. Позади мене гледаме фрлени праски кои што земјоделците не можат да ги предадат на откупувачите. Затоа што првин нема откуп, а второ нема н цена. Јас го повикувам премиерот Зоран Заев заедно со неговиот министер да одговорат према македонските земјоделци, према македонската јавност каде се сите проекти кои што ги ветуваа во предизборието, во 2016-та година? Каде е гарантниот фонд? Нели ќе се тепаа откупувачите за повисоки откупни цени и сигурен пласман?, праша Трипуновски.

Тој побара одговор од Заев и министерот Димковски, зошто мерката „Млад земјоделец“ доцни веќе една година.

-Мерка која што треба да ги задржи младите луѓе во Република Македонија. Да одговори зошто се доцни со ИПАРД програмата и реализацијата на повиците? Да одговори зошто субвенциите се стопирани? Да одговори зошто на производителите на јаболка не им се исплаќа дополнителните 5 денари ветена субвенција? Да одговори почитуваниот премиер Зоран Заев зошто на оризарите, на сливарите од Радовишко и Малешевијата доцни исплатата на дополнителната субвенција? Да одговори премиерот Зоран Заев зашто го донесоа во колапс македонското земјоделство?, праша Трипуновски.

Тој го повика Заев, ако е толку сигурен во неговите успешни проекти да излезе на избори и македонскиот земјоделец, македонските граѓани нека ја кажат правата слика.

-Македонскиот земјоделец и македонските граѓани нека оценат дали вашите проекти се успешни или не. Охрабрете се и конечно да излеземе и да се соочиме со македонскиот народ, потенцира Трипуновски.