Поранешниот премиер Никола Груевски преку Фејсбук му одговори на Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје:

– Јас ќе пливам некако, а ти уживај во сопственото тонење, му порача Груевски на Шилегов.

Во статусот на Фејсбук Груевски, кој очигледно пред се се обраќа на Зоран Зев, а само попатно и на „вицкаскиот“ Шилегов, пишува:

„…Она кога донесен на позиција со задача, со задоцнување кое трае многу подолго од мајтапот на „Порошенко“ ќе почне да капира дека паѓа од власт, па паниката ја прикрива со обид пред камерите да биде вицкаст, а гневот и омразата ја изразува преку експресно активирање на нови незаконски и наменски креирани обвиненија лансирани преку судот, диктирање соопштенија кои ги пушта партијата и изјави на портпаролот… Јас ќе „пливам“ некако, а ти “уживај” во сопственото тонење после рекетот, крадењето и предавстсвата, заедно со оној градоначалникот полн со „млеко”… Еве ако сакаш да ти помогнам за следното соопштение, обвини ме дека јас, а не ти сум кроел стратегии и организација за систематски државно организиран рекет со милионски суми во канцеларија заедно со Боки, и дека Кики и Фрики биле функционери на ВМРО, а не на СДСМ. Кажи дека „специјалната“ јас ја подучив како предупредувачки да те скочани и замисли да не се најдеш кај Боки пред неа. Кажи и дека оној на Фрики во УБК јас сум го врбувал за да те потсети на некои работи, а дека Кики кој ти беше маша за партиски вработувања и рекет всушност цело време бил навигиран од мене“, пишува Груевски.

Да потсетиме дека Шилегов вицкасто се обиде да му одговори на Груевски на неговото последно обраќање порачувајќи му „пливај“ и досетувајќи се дека „Унгарија нема море“.