Министерот Љупчо Николовски во две реченици се демантира самиот себе: Прво вели дека штетите не се големи, а веќе понатаму дека комисиите се уште не ја утврдиле штетата. Тоа значи дека комисиите нема да работат според теренскиот увид и реална проценка туку по негов налог.
Ова се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
– Повторно Николовски лицемерно вели дека се грижи за земјоделците, а во исто време ја укинува ставката за помош на земјоделците за осигурување во измената на програмата за земјоделство и рурален развој, од милијарда и сто милиони на илјада денари и со тоа директно учествуваше во спречување на земјоделците да ги осигурат своите насади и посеви. Претходната влада со тие средства покриваше 60 отсто од трошоците за осигурување. Зборува за систем на градобијна заштита, а заборавил или бил премногу млад за да знае дека истиот систем го уништија неговите постари колеги од СДСМ во време на нивното владеење, се вели во реакцијата.
Најголемата опозициска партија реагира и на изјавите на министерот за земјоделство за откупот на бостанот:
– Зборува за тоа дека откупот на бостанот одел добро и биле откупени околу илјада тони. Господине министре, не ги замајувајте земјоделците, одговорете на прашањето дали е точно дека досега е увезено 6,5 илјади тона бостан, а извезено само 2,5 илјади тони и со тоа директно е влијанието на ниската откупна цена. За ваше потсетување во 2016 година Република Македонија извезе 11 илјади тони бостан, реагира ВМРО-ДПМНЕ.