Нема прекршување на Преспанскиот договор од страна на Рашела Мизрахи, тврди ВМРО-ДПМНЕ. Проблемот со нејзиното разрешување е во свеста и потсвеста на некој од Владата.
Илија Димовски на вечерашната собраниска расправа во рамки на 136. седница рече дека употребата на името Северна Македонија согласно преспанскиот договор сé уште не е обврска и побара предлогот за разрешување на Мизрахи да биде повлечен.
-Заради ова ќе ја разрешувате Мизрахи, затоа ќе предизвикувате политичка криза? Направивте СДСМ да биде погрчка партија и од најгрчката. Ги терате со сила кутрите пратеници по 17 пати да го употребуваат новото име. Соберете ја вашата пратеничка група и кажете и да се подготвува за пораз на изборите, истакна Димовски.
Според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ваквото однесување на СДСМ го покажува стравот од избори поради што се настојува да се предизвика криза.
Претходно, техничкиот премиер Оливер Спасовски, образложувајќи зошто предложил разрешување на Мизрахи, апелира ВМРО-ДПМНЕ да покаже демократски капацитет, да го надмине партискиот интерес и да даде максимум како дел од преодната влада за добро на граѓаните и државата. Рече и дека очекува нов предлог за министер од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Мизрахи, пак, во обраќањето по Спасовски нагласи дека наместо да ја остават да ја врши својата работа на функцијата министер, била мета на антисемитски напади од лица кои, како што рече, ниту бираат средства, ниту начини, ниту зборови. – Таблата беше евтина театарска претстава, истакна Мизрахи.