Ова е триумф на хероите на Македонија, луѓето кои заслужуваат надеж. Денес се слуша, трешти гласот на победата, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, прогласувајќи голема победа на локалните избори.
Мицкоски изјави дека нивните кандидати победиле уште во првиот круг во повеќе од 20 општини, 22 доколку вечерва се потврдат резултатите од Кисела Вода и Аеродром. Според него во вториот круг влегуваат со водство во повеќе од 20 општини. На советничките листи очекуваат разлика од повеќе од 50.000 гласа наспроти СДСМ.
Дали ова е финалната победа? Не. Ова е првиот голем чекор до нејзе. Доста беше, доста е делби, конфликти, доста е апатија, криминал и корупција. Благодарам народе на Македонија. Ова е твоја победа! Ова е победа, но ова е и одговорност. Едно да знаете, нема да ве изневериме, нема да ве разочараме. За мене, за нас, ова е голема одговорност, изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите гласачи кои сакаат нешто да се промени, тие кои не ги подржале во првиот круг, дека е време да се надминат разликите.