Во СДС изгледа мислат дека имаат многу јака тема за соопштение, па се фатија за вредноста на часовниците на претседателот Мицкоски. Не е никаква тајна тоа дека претседателот Мицкоски пред да влезе во политиката има работено во бизнис-секторот во делот на енергетиката, нешто што тој самиот го има јавно говорено, каде што со познати светски фирми има соработувано и има добро заработено, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го пренесува интегрално.

Тоа е сè до моментот пред да влезе во политиката, каде што престанува со каков било вид бизниси и работење за приватни фирми. И што е најважно, сè е чесно, транспарентно и до детаљ објаснето за неговите примања што ги имал.

Од друга страна, пак, ги имаме Филипче и Заев, едниот хирург, другиот земјоделец од Муртино, кои пред да влезат во политиката се никој и ништо, а по нивното владеење или сè уште активно појавување во политиката, добија куќи во Нерези, станови и згради во Дубаи, акции во индиски авиокомпании, фирми во и надвор од државата со сомнителен капитал, подароци од фирмите што добивале тендери во вид на автомобили, проценти од тендери, договори и слично.

Е ова е разликата помеѓу претседателот Мицкоски и Филипче и Заев. Тоа што овие двајца од СДС од голтари станаа милионери со помош на власта, а претседателот Мицкоски има заработено чесно и на лесно проверлив начин може да се види како заработувал.

Пред СДС да каже повторно нешто колку да каже нека погледне во сопствениот двор.

П.С. Ако имаат сомнеж за нешто незаконско, нека се обратат до судиите и обвинителите што им слугуваат, нека проверат. Ете на оние истите што им помагале да ја откупат Жан Митрев.