Правосудството во Република Македонија е на колена, а судиите се во грч и работат под политички притисок. Споредбата како се водат случаите „Поткуп“ и „Тенк“ е најдобар доказ дека не постои правда, туку само политички нарачан прогон, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, случајот „Поткуп“ каде што првообвинет е Зоран Заев, кого цела јавност го виде дека од позиција на градоначалник бара едно евро за себе и едно евро за црквата, чека правна разрешница цели пет години. Обвинението е поднесено уште во 2013 година. „Случајот „Тенк“ кој што се базира на незаконски стекнати прислушкувани разговори и претпоставка дека Никола Груевски влијаел врз Јанкулоска да го поттикне Поповски да набавел блиндирано возило, е започнат четири години подоцна. Рочиштата во случајот „Поткуп“ се одложуваа десетици пати и се развлекуваа со месеци и години, а за „Тенк“ се закажуваа експресно и траат дури и по 12 часа.
Според опозициската партија, во Македонија законите не важат подеднакво за сите, а судиите судат според желба а не според докази и факти.
„Заеднички за двата спора е што завршуваат во исто време. Во неколку дена треба да биде изречена и пресудата за Зоран Заев и пресудата за случајот „Тенк“. Заеднички за двата предмети е што сите ги знаат однапред пресудите, а истите ги најави и самиот Заев. Медиумите веќе пишуваа и за наградата што треба да ја добие судијата Добрила Кацарска за одработената задача. Тоа е разликата меѓу судството кое работело во „режим“ и ослободеното судство откако доjде живот. Криминалниот картел е недопирлив, а сите неистомисленици се потенцијални политички жртви. Оваа неправда мора да престане. Сите судски одлуки донесени врз притисок еден ден ќе бидат преиспитани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.