Венко Филипче, не се грижи за ништо друго освен да си ја зачува фотелјата во СДС, која впрочем и му ја чува на неговиот ментор, Зоран Заев.

Филипче ниту го интересира стандардот на граѓаните, ниту е загрижен за енергетиката која токму владата на СДС ја уништи и ја ограби, со наместени тендери за што нивниот Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ е во бегство за милионски криминал.

Српско руските духови кои повторно се разбудени кај Филипче, поврзани се токму со СДС, почнувајќи од белорускиот конзул Борче Марковски кои на неговата фирма „Марковски“ му доделуваа тендери во вредност од над 100 милиони евра, па се до прорускиот украински политичар, сега веќе осуден на 15 години затвор за перење пари и корупција, кому му доделија македонско државјанство додека бегал од правдата.

Во некапацитетноста Филипче е покажан и докажан кадар и тоа најмногу го докажа во периодот на министерувањето во корона периодот, кога Македонија ја фрли на колена по број на смртни случаи, каде рушевме светски и европски рекорди, со околу 10.000 починати лица.

Во тој период Филипче се покажа способен само во процентите, кога додека светот и државите од регионот набавуваа вакцини против ковид за своите граѓани, тој договараше проценти за набавка на ковид вакцини по цена дупло повисока од пазарната од фирма за овошје.

Исто така, не треба да ја заборавиме и модуларната болница во Тетово во која животот го загубија 14 граѓани, токму поради лакомоста за профит и повисок процент од тендерска постапка, чија спецификација Филипче лично ја подготвил и ја потпишал.

Исто така, своето немање капацитет Филипче го потврди и со раководењето на партијата каде што со празната реторика и промашена ПР стратегија, СДС ја направи трета партија во државата со одвај 130 гласа.

Во однос на грижите на Филипче за правосудството, знаеме дека плаче по Љупчо Коцевски за кого до последно се бореа да остане на чело на обвинителство, кој и покрај бројните афери и индиции за криминал, за него и неговите партиски другари нема никаква истрага.

Периодот на владеење на СДС беше време кога судии и обвинителите се бираа по партиските штабови во Струмица и на Бихаќка.

Јавноста не заборава дека во семејна куќа на судијка, беше сместен општински штаб на СДС. Не заборава ниту на судијката Ана Павловска Данева, поранешна потпретседателка на СДС и нивна пратеничка, како ни на Весна Дамева, која гордо сликана со Заев, стигна до претседателка на Судски совет.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ