Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагираше на последниот потег на опозициската партија ДУИ, која ангажираше меѓународни експерти и автори на Охридскиот договор да ги испитаат формите на изразување на незадоволство за „поткопување на легитимитетот“, јавува ТВ21.
Во врска со информацијата објавена вчера од ТВ21, дека овие експерти разгледуваат два модела – тој на Белгија и Северна Ирска, со кои се предвидува територијална поделба по региони, за ова денеска портпаролката и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева вели:
„Македонија е членка на НАТО и членството таму значи исполнување на критериумите на кои работеа неколку влади. За ВМРО-ДПМНЕ не е прифатлив рекетарскиот принцип што го применува ДУИ и тоа е „ако не сме во Влада да крадеме, тогаш ќе правиме етнички прашања и поделби. Потсетуваме, ДУИ до пред месец и половина беше на власт заедно со СДС и тогаш на Али Ахмети не му беше важна регионалната поделба на Македонија, колку беше важно „Арберија“ да ги добие тендерите на Артан, внукот на Али да ја купува Соравија, или пак фирмите подизведувачи на Бехтел и Енка да се истите од Зајас или блиски до ДУИ. Тогаш на Ахмети не му беше важно ништо од ова. ВМРО-ДПМНЕ посветено работи за решенија за подобар живот на луѓето и за одржување хармонија и квалитетни односи засновани на решени проблеми, без поделби и конфликти, изјави Митева.